Нема производи во вашата кошничка.

Клуб 5*

Како да се загреете за вежбање во зима

Температурите се спуштаат под нулата, сонцето се појавува само повремено, па каучот почнува да ви изгледа сѐ подобро. Но, зимското вежбање е одлично за телото, па затоа треба да направите нешто за да се стоплите кога вежбате при поларни услови.

Вежби за растегнување

Вежбите за растегнување треба да бидат почеток на секој тренинг, но тоа особено важи за зимскиот период кога на вашето тело му е потребен дополнителен напор за да се подготви за физичката активност. Одвојте 10 минути и убаво растегнете го секој дел од телото. Кога ќе се загреат мускулите и вам ќе ви биде полесно да се загреете.

Повеќе слоеви облека

Кога вежбате во зима, потребно е да изнајдете начин да зачувате дел од топлината, но да дозволите потта да испарува, за да останете колку што е можно посуви. Започнете со тенок слој што ќе ја собира потта од кожата (избегнувајте памук кој ја впива целата течност), потоа додајте уште еден подебел слој од истиот материјал (на пр. полиестер) и завршете со јакна отпорна на ветар и вода, за да можете да ја задржите топлината.

Загрејте се со лопата

Со фрлање 10 лопати снег во една минута се троши исто толку енергија колку и со качување 70 скали. Подгответе се за вашиот зимски тренинг, загревајќи го целото тело, а особено колковите и рамената.

Заштитете ги прстите

Кога возите велосипед на поларните температури, екстремитетите ви се ладат многу брзо, бидејќи организмот се обидува да ја зачува топлината за јадрото. За да избегнете премрзнување, препорачливо е да облечете ракавици. Ако имате потреба за поголема чувствителност на прстите, ставете тенки ракавици, а врз нив подебели ракавици, кои по потреба можете да ги извадите.

Колку студено е премногу студено?

Студениот воздух претставува проблем за луѓето кои имаат респираторни проблеми, особено за астматичарите. Ако спаѓате во таа категорија, пред да започнете да вежбате на студеното време, консултирајте се со матичниот лекар. За сите останати, пред секој зимски тренинг, проверете ја временската прогноза. Важна е температурата и брзината на ветрот.

На пример, доколку е -15 степени и ветрот дува со брзина од 50 километри на час, изложената кожа може да замрзне за 30 минути, па затоа ќе треба да се облечете потопло. Исто така, препорачливо е првата етапа да ви биде спроти ветрот, за кога ќе се враќате и ќе бидете поиспотени, ветрот да ви дува во грб. Ако стане премногу студено, тогаш префрлете се во теретана и почекајте времето да се подобри.